ШТРУМФЕТА ИЛИ СТРАШИЛО – СКУЛПТУРАТА НА МЕЛАНИЈА ТРАМП ГИ ЗАБАВУВА СЛОВЕНЦИТЕ

Севница, (Гардијан)

Откако направи мед, вино, торта, салама, па дури и папучи во нејзина чест, малиот словенечки град Севница сега ѝ крена и статуа на својата најпозната ќерка – првата дама на САД, Меланија Трамп.

Проект на американскиот концептуален уметник Бред Дауни, дрвената скулптура во природна големина беше изработена со моторна пила од локалниот занаетчија Алеш Зупевц, но изнуди главно потсмев од јавноста, која ја споредува со Штрумфета и страшило. Во син фустан и со крената рака, скулптурата потсетува на позата на Меланија Трамп од инаугурацијата на нејзиниот сопруг Доналд во 2017 година.

Во Севница можат да се најдат секакви производи во чест на Меланија Трамп (Фото: Гети)

„Разбирам зошто луѓето мислат дека скулптурата не личи на неа. Јас мислам дека резултатот е апсолутно прекрасен“, изјави Дауни.

Тој вели дека го избрал Зупевц да ја направи скулптурата откако дознал дека е роден иста година и во иста болница како Меланија Трамп.

Авторот Бред Дауни смета дека скулптурата е прекрасна (Фото: Гети)

„Ако споменикот требаше да биде пародија, тогаш уметникот добро си ја завршил работата. Ние во Севница можеме само да се смееме и да се срамиме од катастрофалниот углед на Трампови“, изјави 24-годишната Ника.

Севница стана магнет за туристи и медиуми откако Трамп победи на изборите во 2016.