СКУЛПТУРА НА ТЕТОВИРАНИОТ ЗОМБИ БОЈ ЌЕ ГО КРАСИ НАУЧНИОТ МУЗЕЈ ВО ЛОНДОН

Лондон, (Гардијан)

Марк Квин, уметникот познат по тоа што замрзна речиси пет литри сопствена крв во реплика од својата глава, ќе направи голема скулптура од тетовираниот маж Зомби Бој, која ќе стои на влезот во новите галерии на Научниот музеј во Лондон.

Зомби Бој е Рик Џенест, канадски уметник и модел, кој по период на боледување одлучи да си го истетовира целото тело и со тек на време се здоби со култен статус на социјалните мрежи.

Не го смета за страшен. – Марк Квин со своето најново дело

Од следната година, тој ќе стане уште попознат благодарение на 3,5 метри високата бронзена скулптура, која ќе биде прво нешто што ќе го видат посетителите на 24 милиони фунти вредните медицински галерии.

„Мене тој воопшто не ми е страшен. За мене, тој е фасцинантен. Тој е уметник и неговото дело е самиот тој и да бидеме искрени, изгледа доста кул“, вели Квин, сметајќи го Џенест за „брилјантен спој на улична култура, наука и уметност“.

Квин се прослави со своите грандиозни дела, како „Бремената Алисон Лапер“, што се појави на Трафалгар сквер и „Планета“, која го прикажува неговиот новороден син.