СУПЕРЈАХТАТА НА „ПОРШЕ“ Е ВСЕЛЕНСКИ БРОД НА ВОДА

Сингапур, (Си-Ен-Ен)

По речиси една деценија создавање, новата суперјахта дизајнирана од „Порше“ изгледа како нешто што вредеше да се чека.

Опишана како „вселенски брод на вода“, иновативната јахта „ројал фалкон уан“ почна да се продава овој месец и изгледа елегантно како и секој луксузен спортски автомобил.

„Ројал фалкон уан“ може да прими десет гости. Ја придвижуваат два дизелски мотора со 4.600 коњски сили и два млазни водени мотора на „Ролс-ројс Камева“, што овозможува брзина од 65 километри на час.

Развиена да остави впечаток на функционален луксуз, во модерната внатрешност на јахтата доминираат белата и сината боја, како и метални и дрвени материјали. Таа располага со четири пространи кабини, голема дневна соба, џакузи и бар.

„Ројал фалкон уан“ во 2009 беше нарачана од сингапурската фирма „Ројал фалкон флит“, која побара јахта „каква што никој досега не изградил“. Нејзината цена не е дадена во јавност.