„ТЕСЛА“ ГО ПРЕТСТАВИ СВОЈОТ НОВ ЕЛЕКТРИЧЕН ТЕРЕНЕЦ ЗА ШИРОКИТЕ МАСИ

Лос Анџелес, (Би-Би-Си)

„Тесла“ го претстави своето ново електрично возило, кросовер теренец наречен „model Y“, за време на настан во Лос Анџелес.

Извршниот шеф на компанијата Илон Маск кажа дека прво ќе дебитира верзијата со досег од 480 километри, која ќе чини околу 47.000 долари, додека стандардната верзија од 39.000 долари и со досег од 350 километри ќе дојде во 2021 година.

Вкупно петти модел на компанијата, „Тесла“ претходно го опиша „model Y“ како возило наменето за поширока публика, кое доаѓа по „модел 3“, најевтиниот автомобил во нејзината понуда. Во последните три години, „Тесла“ се мачеше да го исполни ветувањето дека ќе произведе седан со цена од 35.000 долари, што конечно беше остварено минатиот месец со „модел 3“.

Новото возило ќе има голем број сличности со „модел 3“, но ќе биде поголемо за околу 10%. Претходниот теренец на „Тесла“, „model X“, не се покажа многу популарен.