ТИНЕЈЏЕР ОД ШПАНИЈА СИ НАПРАВИ ПРОТЕЗА ЗА РАКА ОД ЛЕГО КОЦКИ

Барселона, (Ројтерс)

Тинејџер од Шпанија сам си направил роботска протеза за рака, користејќи лего коцки.

Роден без десна подлактица поради ретка генетска состојба, 19-годишниот Давид Агилар, кој студира биоинженеринг на Меѓународниот универзитет Каталуња, го користи веќе четвртиот модел на својата шарена протеза. Неговиот сон е да дизајнира роботски екстремитети, што ќе бидат лесно достапни на оние на кои им се потребни.

„Кога бев мал, бев многу нервозен во присуство на други деца, бидејќи бев различен, но поради тоа не престанав да верувам во соништа. Сакав да се видам себеси во огледало како што ги гледам другите, со двете раце“, вели Агилар, кој потекнува од Андора.

(Фото: Ројтерс)

Пластичните коцки отсекогаш биле едни од омилените играчки на Агилар и кога имал девет години, тој ги искористил како градежен материјал за да ја направи првата, сѐ уште многу проста верзија на протезата. Секоја наредна била понапредна и поспособна за движења од претходната. Првата целосно функционална роботска рака од лего коцки ја направил на 18-годишна возраст и таа содржи електромотор.

„Преку презентациите на мојот Јутјуб канал сакам да им покажам на луѓето дека ништо не е невозможно и дека попреченоста не треба да ги сопре“, додава Агилар.