ТОРОНТО НАПРАВИ ИЗЛОЖБА НА ВАН ГОГ ШТО МОЖЕ ДА СЕ ВИДИ ОД АВТОМОБИЛ

Торонто, (АФП)

И додека некои музеи откажаа или одложија долго планирани изложби поради коронавирусот, Торонто дојде на друга идеја, па на љубителите на уметноста им понуди опција да ги видат делата на Ван Гог од своите автомобили.

„Поради ковид-19, мора да се размислува креативно“, изјави копродуцентот на изложбата Кори Рос.

(Фото: АФП)

Изложбата е поставена во огромно складиште, при што 52 проектори покриваат простор од повеќе од 17.000 кубни метри, а делата во висока резолуција се прикажуваат на ѕидовите, столбовите и подот.

„Ѕидовите се високи девет метри, па можете да ги видите делата и потезите на четката како никогаш досега“, вели Рос.

Изложбата може да се види од автомобили, а за оние кои сакаат да ја поминат пешки, нацртани се кругови на подот за да се одржува физичка дистанца.