ПОЧИНА ЕНИО МОРИКОНЕ, КОМПОЗИТОР ЧИЈА МУЗИКА БЕШЕ ДЕЛ ОД ФИЛМСКИ СЦЕНАРИЈА

Рим, (разни извори)

Енио Мориконе, чии атмосферични музички теми за шпагети вестерни и стотици други филмови го направија еден од најразновидните и највлијателни современи филмски композитори, почина во болница во Рим на 91 година, откако минатата недела скршил бутна коска при пад.

За филмските љубители, Маестро Мориконе беше уникатен талент, чии композиции придружуваа комедии, хорори, трилери и историски драми на Бернардо Бертолучи, Пјер Паоло Пазолини, Теренс Малик, Брајан де Палма, Роман Полански, Џон Карпентер, Квентин Тарантино и други филмаџии.

Клинт Иствуд во 2007 му го додели почесниот оскар (Фото: АП)

Мориконе ја напишал својата прва композиција како шестгодишник и студирал класична музика, пред да почне да прави музика за театар и радио, но и хитови за поп изведувачи. Но, она што го направи славен се филмските теми, а кариерата му ја дефинираше соработката со Серџо Леоне, почнувајќи од неговата „доларска трилогија“. Самиот Мориконе го истакнуваше „Беше еднаш во Америка“, последниот филм на Леоне, како свое најдобро дело.

„Музиката е неопходна. Моите филмови практички можеа да бидат неми, зашто во нив има многу малку дијалог. Енио ја правеше музиката пред да почнеме да снимаме, таа буквално беше дел од сценариото“, кажа своевремено Леоне.

Мориконе до крајот на животот настапуваше како диригент (Фото: АП)

Редовно одеше на турнеја со својот опус, што ја вклучи и Македонија во 2009 година, кога го отвори „Охридско лето“, продаде повеќе од 70 милиони албуми, освои четири Греми награди, како и (само) еден оскар, иако беше номиниран дури седум пати. Шеесет и четири години, до својата смрт, беше во брак со Марија Травија и ги одбиваше понудите да се пресели во Холивуд, останувајќи му верен на родниот Рим.

Мориконе го сакаше звукот на електричната гитара и во својата музика вклучуваше свиркање, камбани, камшици, завивање на којоти, птичјо пеење, истрели, женски гласови и слоеви за да создаде композиции со некарактеристичен аранжман.