Фински архитект се врати на замрзнато езеро северно од Хелсинки за да нацрта големо животно на мразот шеста година по ред, создавајќи уметничко дело кое се надева ќе ги направи луѓето среќни и ќе ги мотивира повеќе да пешачат во природа.
Користејќи лопата за снег, Паси Видгрен на 4 декември нацрта 90 метри голема лисица на езерото Питкајарви. Тој црта животни на ова платно секоја зима од 2016 и неговите дела исчезнуваат ако падне повеќе снег или со топењето на мразот.
„Идејата за ваква привремена уметност ми дојде пред неколку години кога сфатив дека имам специјална способност за координација да правам сам вакви работи“, вели 40-годишниот Видгрен.
За новото дело му требале четири часа, при што работел на мраз дебел околу 15 сантиметри.
Лисицата беше помалку видлива после десет дена и Видгрен вели дека му е важно неговата уметност да не остава трага во природата.