ВИЛНУС И ПОЛСКИОТ ГРАД ЛУБЛИН СЕ ПОВРЗАА СО ПОРТАЛ

Вилнус, (Верџ)

Во времето кога патувањата се ограничени поради пандемијата, Вилнус дојде на интересна идеја: отвори портал кон друг град.

Главниот град на Литванија инсталираше кружна „врата“ за порталот во близина на железничката станица, што е поврзан со портал во полскиот град Лублин, оддалечен околу 600 километри. Порталите имаат голем екран и камери, кои прикажуваат снимки во живо од двата града, што креаторите на проектот го нарекоа дигитален мост.

„Ова има за цел да ги охрабри луѓето да го преиспитаат значењето на единството. Проектот е мост кој обединува и кани да се издигнеме над предрасудите и несогласувањата што припаѓаат на минатото“, кажаа од туристичкиот центар „Гоу Вилнус“.

Научно-фантастичниот портал се правеше пет години од инженерите од Техничкиот универзитет во Вилнус. Организаторите велат дека се планираат портали и во други градови.