Хрватската компанија „Римац автомобили“ објави дека ќе почне со сериското производство на својот втор хиперавтомобил, чие име ќе биде „Римац невера“.

Именуван според силната медитеранска бура, „невера“ е резултат на четири години развој на моделот „Rimac C_Two“, чија производствена варијанта ќе има подобрени и унапредени компоненти и системи. Таа ќе се произведува во Хрватска, каде што е и дизајнирана и развиена.

Што се однесува до перформансите, четирите електрични мотори имаат вкупна сила од 1.914 коњски сили, максималната брзина е 412 километри на час, а до стотка забрзува за помалку од две секунди.

Неговата цена ќе биде два милиона евра, а ќе се произведе во само 150 примероци. Првите испораки се најавени за оваа година.

„Тоа е тоа. Ова е автомобилот што го сонував кога пред десет години тргнав на ова ‘невозможно‘ патување. Целиот наш напорен труд резултираше со ‘невера‘, хиперавтомобил кој соборува рекорди. Овој автомобил е создаден за да надмине сè и да ги крене стандардите“, изјави Мате Римац, додавајќи дека нема да има два исти автомобила, зашто купувачите ќе можат да си изберат дизајн и материјали по мерка.