„Вирџин галактик“ ја покажа внатрешноста на својот вселенски авион преку виртуелна тура, која им даде прв увид на патниците што можат да очекуваат од патувањето до работ на вселената.

Кабината на авионот „ВСС јунити“ ќе има место за шест патници, кои ќе можат да гледаат низ 12-те кружни прозорци додека се искачуваат 97 километри над Земјата. Од компанијата велат дека патниците потоа ќе можат да ги напуштат своите седишта и да лебдат низ кабината во бестежинска состојба. Нивната авантура ќе се документира со 16 камери.

Околу 600 луѓе досега имаат уплатено депозит за овие комерцијални суборбитални летови, кои се очекува да траат околу 90 минути. Билетот чини 250.000 долари, но засега не е познато кога ќе биде лансиран првиот лет. Авионот ќе полетува од полигонот на компанијата во Ново Мексико.