Многу екрани е првото нешто што се забележува на фотографиите од внатрешноста на „порше тајкан“, првиот сеелектричен спортски автомобил на оваа компанија.
Тој официјално ќе биде претставен на 4 септември и ако се изземат скиците од концептот, засега не е познато како ќе изгледа, но германската компанија малку по малку ги открива неговите спецификации.
Основната верзија на автомобилот ќе има три екрани во кабината, од 16,8, 10,9 и од 8,4 инчи, а како опција доаѓа уште еден, од 5,9 инчи.
Автомобилот ќе содржи и голем број фенси и смарт детали, како гласовни команди и темен режим, со кој се исклучуваат екраните за поубав амбиент при возење. Исто така, „тајкан“ ќе биде прв автомобил со вградена апликација „епл мјузик“, што ќе овозможи бесплатен пристап до целиот музички каталог на компанијата. Најавено е дека на еден од екраните ќе можат да се стримуваат филмови, но без да се попречува вниманието на возачот.