Музејот на иднината во Дубаи претстави шест метри долг, 3-Д отпечатен ѕид направен од песок. Автор на проектот е американскиот архитект и истражувач Бери Варк. Тој вели дека проектот насловен Надара е најкомплексниот 3-Д печатен ѕид некогаш создаден.
„Верувам дека со тек на време ќе можат да се создаваат ентериери, фасади, па дури и структурни елементи со помош на оваа технологија благодарение на нејзините носивост и потенцијална издржливост“, изјави Варк.
Ѕидот има уникатна естетика благодарение на сложените 3-Д текстури што ја формираат површината. Варк користел генеративен софтвер за вештачка интелигенција за да ја дизајнира површината, имитирајќи ги природните процеси на ерозија.
Помала верзија на ѕидот првпат беше изложена во овој музеј во февруари 2022, но неговата големина сега е проширена на три метри височина.