ВО СКОПЈЕ ЌЕ СЕ ОДРЖАТ ПРЕДАВАЊА ЗА УМЕТНОСТА ВО ВИДЕОИГРИТЕ СО ГОСТИ ОД СРБИЈА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Три предавања за уметноста во видеоигрите насловени Game Art @ Skopje ќе се одржат в петок во просториите на „Нетавил“ во Скопје. Повод за овој настан е првото гостување на Српската гејминг асоцијација (СГА) во Македонија.

„Тие сакаат на македонската публика да ѝ ги прикажат креативноста и значењето на уметноста во игрите, бидејќи во гејминг индустријата најголема е побарувачката за артисти – 2-Д, 3-Д, концепт арт, илустратори, аниматори, арт директори и многу други работни места“, најавуваат од Македонската асоцијација за развивање на игри МАГДА, која го организира настанот.

Предавачи ќе бидат Јана Поповиќ од Белград (2-Д илустратор), Јасна Марјановиќ од Ниш (2-Д артист) и Симон Стојановски од Скопје (арт директор). Како претставници на СГА ќе гостуваат програмскиот директор Реља Бобиќ и извршната менаџерка Кристина Јанковиќ-Обуќина, кои ќе зборуваат за нивниот менторски програм Playing Narratives, преку кој младите од балканскиот регион учат како да креираат видеоигри и да ги направат првите чекори во оваа професија.

Влезот е бесплатен.

(Фото: СГА)