МАНЧЕВСКИ СО СЕРИЈА МАСТЕРКЛАСИ, ПРЕДАВАЊЕ И ПРОЕКЦИИ НА УНИВЕРЗИТЕТОТ ВО АРИЗОНА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Со серија мастеркласи, предавање и проекции на неговите филмови, македонскиот режисер Милчо Манчевски неделава е во фокусот на Државниот универзитет на Аризона, САД. Манчевски ќе одржи серија мастеркласи и предавање, а се прикажуваат и „Пред дождот“, „Мајки“ и „Бикини Мун“.

Серијата мастеркласи се одржува во Новата американска филмска школа „Сидни Поатје“, а почна со анализата на „Бикини Мун“, неговиот американски филм од 2017, кој е лажен документарец за ветеранка од војната во Ирак и е снимен во Њујорк. Во серијата, меѓу другите, се и мастеркласите на кои Манчевски ќе ги прикаже неговите техники за работа со актери и концептот за кадар. Гостувањето на Универзитетот во Аризона ќе се заокружи со предавање во Центарот Меликијан.

Творештвото на Манчевски е дел од наставните програми на бројни универзитети во светот, како и тема на многу есеи и книги. Неговите дела се предмет на истражувања на бројни конференции, меѓу кои и оние посветени на „Пред дождот“ на Универзитетот во Лајпциг и на „Прашина“ на Европскиот универзитет во Фиренца.

Во богатиот академски ангажман на Манчевски се и професор на Универзитетот на Њујорк, предавач на универзитетите Кембриџ, Оксфорд, Браун, Јеил, Шангај и ВГИК во Москва, Филмската академија на Куба и многу други низ светот.

Седмиот филм на Манчевски „Кајмак“ имаше светска премиера на фестивалот во Токио во ноември 2022, лани беше најгледан филм во Македонија и се прикажа во кината во 30 градови во земјава, што беше настан без преседан во македонската киноприкажувачка дејност последнава деценија. „Кајмак“ од почетокот на годинава го продолжува животот на низа филмски фестивали во светот, соопшти продукцијата.