Компанијата „Сегвеј“ ќе го прекине производството на својот истоимен личен транспортер на две тркала, кој беше популарен кај туристите и полицајците во некои држави.
„Сегвеј ПТ“, за кој во почетокот храбро се тврдеше дека ќе го промени начинот на кој луѓето се движат, ќе престане да се произведува на 15 јули.
Возилото кое го превезува патникот додека стои на широка платформа минатата година ѝ донесло на компанијата само 1,5% од нејзиниот вкупен приход. Оваа компанија е основана во 1999 година, но никогаш не ги исполни најавите за револуционаризирање на превозот, за што голема пречка беше и првичната цена на „сегвеј ПТ“ од 5.000 долари. Исто така, возењето на „сегвеј“ претставува предизвик, затоа што возачот мора да одржува рамнотежа под посебен агол и лесно може да се изгуби контрола. Тие затоа дури беа забранети во некои градови.
Десет месеци откако ја купи компанијата во 2009 година, британскиот милионер Џим Хеселден (62) загина токму возејќи „сегвеј“.