По неколкумесечен карантин, забавните паркови на „Дизни“ во САД и во Франција се подготвуваат повторно да отворат во средина на јули, но со бројни ограничувања.

Забавните паркови на „Дизни“ во САД, Франција, Кина, Јапонија и Хонгконг годишно привлекуваат над 58 милиони туристи. Само во париски Дизниленд годишно доаѓаат околу 15 милиони посетители. Дизниленд во Шангај се отвори минатиот месец, исто така со одредени рестрикции.

Поради ширењето на коронавирусот, забавните паркови беа затворени во март. Дизниленд во Париз објави дека ќе се отвори на 15 јули, но ќе биде ограничен бројот на посетители и ќе мора да се одржува физичка дистанца. Сите гости над 11 години ќе мора да носат маска, играњето со маскотите и цртањето на лицата ќе бидат забранети, а детските игралишта ќе бидат затворени.

Во Дизниворлд во Флорида, кој се отвора на 11 јули, на посетителите прво ќе им се мери телесната температура.