Каролина Шиино изјави дека се соочувала со расни бариери и со проблеми да ја прифатат како Јапонка откако беше избрана за Мис Јапонија. Дваесет и шестгодишната Шиино е родена во Украина, во Јапонија се преселила на петгодишна возраст и пораснала во Нагоја.
Таа е првата натурализирана Јапонка која победила на изборот за мис и нејзината победа поттикна нова дебата за тоа што значи да се биде Јапонец. Додека некои велат дека ова е одраз на новото време, други сметаат дека таа не изгледа како што би требала да изгледа Мис Јапонија.
Вакви дебати првпат почнаа во 2015, кога за мис беше избрана Аријана Мијамото, чиј татко е Афроамериканец. Некои Јапонци овојпат реагираат уште пожестоко зашто двајцата родители на Шиино се Украинци.
„Да беше полу-Јапонка, ќе немаше проблем. Но, таа е 0% етничка Јапонка, а не е ниту родена во Јапонија“, напиша еден корисник на Икс.
Има и такви кои сметаат дека изборот на Украинка за мис е чисто политички.
„Таа пишува и зборува на убав јапонски. Таа е повеќе Јапонка од нас“, кажа Аи Вада, организаторот на изборот.
Кога лани го прими јапонското државјанство, Шиино напиша на Инстаграм дека можеби не изгледа како Јапонка, но размислувањата ѝ се целосно јапонски, бидејќи пораснала во Јапонија.