Кајли Џенер ја краси насловната страница на магазинот „Форбс“, станувајќи најмладата личност која влегла на неговата листа на најбогати луѓе на светот.
Со актуелното богатство од 900 милиони долари, 20-годишната Џенер е на добар пат да стане и најмладата милијардерка на светот која го остварила тоа со сопствен труд и со тоа да го надмине Марк Закерберг, кој својата прва милијарда ја заработил на 23-годишна возраст.
Џенер се најде на 27. место на листата и други жени кои го надминале прагот од 320 милиони долари се Тејлор Свифт, Хада Катан, Кендра Скот, Бијонсе и Ким Кардашијан.
Богатството на Џенер се должи на нејзината компанија „Кајли козметикс“, основана пред две години, кога го лансираше комплетот за усни од 29 долари. Тој оттогаш се продаде во вредност од 630 милиони долари, а, во меѓувреме, во понудата беа додадени и други производи. Кајли е стопроцентна сопственичка на компанијата, што „Форбс“ ја проценува на 800 милиони долари.
Дополнителни 100 милиони дојдоа од договорот со „Пума“, семејното реално шоу на Кардашијани и од нејзината линија на облека.
„Неверојатно чувство е да бидеш признат за нешто што страствено го работиш и јас сум многу благодарна за тоа. Отсекогаш сум сакала шминка и работев напорно да го исфрлам на пазарот мојот комплет за усни. Поврзаноста со фановите и создавањето производ што тие го сакаат беше неверојатен процес“, вели Џенер, која го почнала бизнисот со лична инвестиција од 250.000 долари.