Не случајно една од последните негови колекции ја нарече „Триумф“. Во најавната шпица на ревијата на која ја претстави колекцијата, Муамед Маликовски од Битола, единствениот Ром моден дизајнер на висока мода во Македонија, рече:
„Триумф затоа што денес сум победник, оти не сум се откажал од моите соништа кога ми било најтешко, па секоја креација не е само обично парче облека, туку дел од мојата победа, од мојот триумф”.
Неговите уникатни креации кои изобилуваат со екстравагантност и елеганција привлекуваат клиенти од Македонија, Србија, Германија, Швајцарија, Белгија, Франција, Англија, Шведска, па дури од Мелбурн, Австралија. Не е лесно да се успее во светот на модата, но тој не се откажал од зацртаната цел.
„Многу е важно човек да се разбуди, да прекине да сонува и да започне да работи на исполнување на своите соништа. Пред сѐ, да работи на себе, на својата личност и начин на размислување. На нашите простори е честа праксата да те демотивираат, обесхрабруваат, омаловажуваат и убедуваат дека ти не си за тоа, дека ти не си способен за замисленото, да не се филмаш и фантазираш. Но, не се откажав. Мене целта ми е да стигнам до Дубаи, да го пласирам мојот бренд ‘Malikowsky couture’ таму. Дубаи за мене е синоним за луксуз и просперитет, а со мојот стил на дизајнирање и со мојата креативност, сметам дека припаѓам таму“, вели Маликовски.
Уште од мал знаел дека ќе се занимава со уметност, а за него, модниот дизајн е токму тоа. Во тинејџерските години се истакнувал со некое посебно парче облека. Првата креација ја дизајнирал на 16 години, за која едвај нашол изведувач: класичен елек од предната страна, а на грбот со колани. Пресудно му било работното искуство во раните студентски денови во една текстилна компанија, каде што првпат дошол „очи во очи” со текстилот и модата.
„Мојата најголема инспирација при дизајнот на модните креации се барокот и луксузот. Исто така, бидејќи потекнувам од муслиманско семејство и израснав во директен допир со ориенталот, ориенталноста и ориенталниот дух имаат неминовно влијание врз мојот стил на творештво. Тука секако посебно место заземаат ромските култура и уметност, ромските фолклор и традиција, бидејќи сето тоа е уште еден синоним за раскош и луксуз“, вели тој.
Роден е и живее во Битола, потекнува од староградско занаетчиско семејство. Од прво одделение до четврта година бил одличен ученик, сакал многу да пишува, па уште на 10 години напишал драмски текст. На факултет бил прворангиран на листата од 220 пријавени студенти. Успеал да постигне просек 9, но вели дека поради сопки, валкани игри и дискриминација не го завршил, оставајќи само четири неположени испити.
„Некои мои врсници, колеги, кои едвај знаеја како да се потпишат со име и презиме, тие први дипломираа и сега работат на високи функции во институции. Но, нивните родители беа функционери и богаташи, а моите работници. Звучи познато, нели?“, вели Маликовски.
По ова искуство, се запишал на Факултетот за моден дизајн при Штипскиот универзитет во Прилеп и посетувал голем број курсеви и обуки, а ментор му е Мира Влкановска, долгогодишен текстилен техничар-инженер, благодарение на која ја усовршил техниката на шиење до беспрекорност. Ателјето му е сместено во Кланица, Битола.
„Без разлика на сите стереотипи и дискриминација, која, за жал, владее во нашето општество, им препорачувам на сите да не престанат да работат и да вложуваат во себеси. Колку и да се демотивирачки околностите во кои се наоѓаат, секогаш има пат до успехот. Секој човек може, ако се труди. Ако за другите е невозможно, не е и за вас“, вели Маликовски.
Ж. ЗДРАВКОВСКА
Фото: Приватна архива