ЛАЈЗА МИНЕЛИ ПРОДАВА НАД 1.000 ЛИЧНИ ПРЕДМЕТИ, МЕЃУ КОИ И КОСТИМИТЕ ОД „КАБАРЕ“

Лос Анџелес, (Холивуд рипортер)

Холивудската легенда Лајза Минели продава повеќе од 1.000 предмети од нејзината колекција на лични и професионални сувенири, меѓу кои има и предмети од славните родители Џуди Гарланд и Винсент Минели.
Сите парчиња од аукцијата, насловена „Со љубов, Лајза“, во текот на април ќе бидат изложени во Центарот за медиуми во Беверли Хилс.

„Во текот на мојата долга кариера собрав прекрасни предмети и сувенири и сега стигнав до оваа точка во мојот живот кога сакам да ги споделам со моите обожаватели, кои отсекогаш биле тука за мене“, изјави 71-годишата Минели.

„Без нивните бескрајни љубов и поддршка, ништо од ова не би било можно. Се надевам дека моите обожаватели ќе бидат воодушевени не само што ќе имаат шанса да поседуваат дел од мојата историја, туку и онаа на моите мајка и татко – Џуди Гарланд и Винсент Минели“, додаде легендарната глумица.

Ќе се продаваат и парчињата од мјузиклот од 1972 година „Кабаре“, кој доби осум Оскари, меѓу кои и за главна женска улога за Минели

На изложбата и аукцијата ќе бидат претставени фотографии од Енди Ворхол и Ричард Аведон, како и парчињата од мјузиклот од 1972 година „Кабаре“, кој доби осум Оскари, меѓу кои и за Минели за главна женска улога.

Црвениот смокинг, како и голем број други лични парчиња ќе бидат изложени во посебна просторија, како почит кон легендарниот американски дизајнер Рој Халстон, како и во знак на сеќавање кон „Студио 54“, каде што Минели беше честа гостинка во неговите креации.

„Ова е возбудливо на толку многу нивоа: ја имаме холивудската ѕвезда Лајза, модна икона, ќерка на легендарната актерка Џуди Гарланд и на режисерот Винсент Минели”, вели Џо Мадалена, извршен директор на аукцијата.