МАГАЗИНОТ „ПИПЛ“ ЈА ИЗБРА ЏЕНИФЕР ГАРНЕР ЗА НАЈУБАВА ЖЕНА НА СВЕТОТ

Њујорк, (АП)

Магазинот „Пипл“ ја прогласи 47-годишната актерка Џенифер Гарнер за најубава жена на светот, посветувајќи ѝ ја насловната страница на своето посебно годишно издание, насловено „The Beautiful Issue“. Во интервјуто за магазинот, таа открива како ги балансира кариерата во Холивуд, водењето бизнис и мајчинството.

Освен што е успешна актерка, Гарнер е и мајка на три деца (од бракот со Бен Афлек), коосновач на компанија за бебешка храна и амбасадор на организацијата „Спасете ги децата“.

Кога и да се вратам дома од некое снимање или од некој настан, децата знаат да ми кажат: ‘Можеш ли да ја измиеш шминката, да ја фатиш косата во опавче и да ги ставиш очилата?‘ Тоа го сфаќам како голем комплимент, бидејќи тие само сакаат јас да изгледам како мама“, вели Гарнер.

Таа додава дека оваа титула ја изненадила, бидејќи никогаш не размислувала за себеси како за убавица.

„Никогаш не сум се доживувала како атрактивна девојка, но во исто време секогаш сум била задоволна со себеси, што го сметам за добар трик“, вели Гарнер.