Околу огромната писта на отворено со пловечки свеќници, француската модна куќа „Диор“ ги поврза културите и континентите на првата ревија во Мароко, на која доминираа шарени фустани и принтани шари.
Колекцијата „Крстарење“, претставена надвор од стандардниот моден календар, привлече голем број ѕвезди, како актерките Лупита Нјонго и Шејлин Вудли.
Во палатата од 16. век Ел Бади, моделите ги претставија креациите, марамите и наметките од материјали со потекло од Брегот на Слонова Коска.
Невообичаено за францускиот моден бренд, облеката беше нарачана да се изработи во Абиџан, главниот град на оваа држава.
Со оваа ревија, „Диор“ му оддаде почит на Ив Сен Лоран, кој ја водеше куќата во доцните 1950-ти, а во текот на целата кариера твореше инспириран од Северна Африка.