Модната куќа „Долче и Габана“ поднесе тужба за клевета во суд во Италија, барајќи 600 милиони долари за претрпени штети од двајца американски блогери. Тие реобјавиле антиазиски коментари што се припишуваат на еден од дизајнерите, што довело до бојкот од азиските купувачи.
Тужбата била поднесена во граѓански суд во Милано во 2019, но деновиве се дозна за неа откако блогерите Тони Лиу и Линдзи Шајлер ја објавиле на Инстаграм. Нивниот профил е доста следен во модниот свет поради острите коментари.
Блогерите, кои имаат 2,5 милиони следбеници, објавија дека досега собрале околу 38.000 долари за одбрана.
„Оваа тужба нема да нѐ замолчи“, кажаа тие.
Скандалот со Долче и Габана датира од 2018, кога тие објавија „културно нечувствителни снимки“ од модно шоу во Шангај, проследено со низа навредливи коментари.