ДВА МОДНИ НАСТАНА ЌЕ СЕ ОДРЖУВААТ ВО ИСТО ВРЕМЕ ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Два модни настана во исто време ќе се одржуваат во Скопје, од четврток до сабота. Едниот е Моден викенд Скопје во „Урбан гарден“, а Скопски моден фестивал ќе се одвива во клубот „Пјур“.

Моден викенд во Скопје се одржува по 27. пат, годинава под слоганот „Улогата на заедницата во свесен дизајн и мода“. Покрај модните ревии, најавени се и работилници, проекции на филмови и дискусии за модата. Отворањето е в четврток во 19 часот, в петок програмата почнува во 16 часот, а в сабота во 15 часот.

На Скопскиот моден фестивал, за кој ова е трето издание, официјалната програма со ревии ќе се одвива од 18:30 до 22:30 часот од четврток до сабота. Трите заштитни лица се моделите Аинура Јементаева, Тами Петковска и Кристина Велковска од агенцијата „Моделс ин“.

„По една и пол година од првото издание, односно по две одржани сезони, Скопскиот моден фестивал може да се пофали со учество на над 40 дизајнери, брендови и академии, како и со посетеност од речиси 15.000 гости во текот на ревиите, изложбените салони и пропратните активности“, велат организаторите.

(Фото: СДК.МК)