„Ферари“ ја претстави својата прва модна колекција, што претставува една од неговите најголеми инвестиции надвор од автомобилската индустрија. Креативниот директор на модниот бренд „Ферари“ е бившиот дизајнер на „Армани“, Роко Јаноне.

„Сакаме да привлечеме млади мажи и жени. Нашата целна група не се само оние кои ги купуваат колите ‘ферари‘, туку сите кои се свесни за брендот и неговите вредности“, изјави Јаноне.

Тој ја опиша колекцијата како флуидна, при што 80% од моделите се унисекс, но и луксузна, бидејќи цените се движат од 200 евра за кошула до 3.000 за капут. Понудата дополнително ќе биде проширена со модни додатоци.