Идните астронаути на НАСА ќе летаат со стил откако беше објавено дека „Прада“ ќе помогне да се дизајнираат вселенските одела за мисијата на Месечината во 2025 година. Италијанската модна куќа ќе соработува на проектот со приватната компанија „Аксиом спејс“.
Од „Аксиом“ кажаа дека „Прада“ ќе врши експертиза на материјалите и производството.
„‘Прада‘ има значително искуство со различни видови композитни ткаенини и ќе може да даде вистински технички придонес во надворешните слоеви на новиот вселенски костум“, кажа професорот Џефри Хофман, кој летал на пет мисии на НАСА и бил на четири вселенски прошетки.
Тој додаде дека луѓето не треба да очекуваат дека астронаутите ќе носат фенси модели.
„Вселенско одело е како минијатурно вселенско летало. Мора да обезбеди притисок и кислород и да ве одржува на разумна температура“, појасни Хофман.