Кога се гледа карлинг натпревар, се добива впечаток дека сите на мразот многу се трудат и вршат одлична работа, но во суштина, малкумина знаат што точно се случува.
Бидејќи е вистински популарен во само неколку земји на светот, Норвежаните редовно се трудат тоа да биде спорт за којшто се зборува и за тоа се заслужни нивните стилизирани панталони.
Денеска, за Денот на вљубените, тие излегоа на терен цели во розеви и црвени срциња.
„Ова беше во чест на Валентиново“, кажа норвешкиот репрезентативец Томас Улсруд по поразот од Јапонија.

Токму тој прв ја почна оваа мода на Зимските олимписки игри 2010 во Ванкувер, кога сфатил дека носењето класични црни панталони е здодевно и влезе во легендите. Денес, како што вели, модата ја избира неговиот тимски колега Кристофер Све.
„Све е господарот на панталоните. Во зависност од неговото расположение, тој пред натпревар ми кажува што ќе носиме. Што и да ми даде, јас играм во тоа. На тимот му се допаѓа да носи шарено, а и на гледачите им е интересно“, вели Улсруд.