ПОЛИЦИЈАТА ЈА ПРЕКИНА ЗАБАВАТА НА „ВИКТОРИЈАС СИКРЕТ“ ВО ШАНГАЈ

Шангај, (Венити фер)

Модното шоу на „Викторијас сикрет“ во Шангај, кое ќе биде емитувано на 28 ноември, заврши како што и почна: со голем хаос.

Престижниот бренд за долна облека го направи клучниот потег во обид да го прошири својот бизнис глобално, па за првпат одржа ревија во Кина, но таа покажа дека сѐ уште не е подготвена за него.

Традиционалната забава по завршувањето на шоуто беше прекината од полицијата и на гостите им беше наредено да си заминат десетина минути пред полноќ.

Бараат од нас да завршиме. Жал ми е, сѐ пробавме“, се обрати една жена со микрофон.

Неколку полицајци влегле во арената „Мерцедес-Бенц“, при што ја изгаснале музиката, кратко време откако ди џејот Виктор Ејми го почнал својот настап.

Шоуто во Шангај од старт го следеа контроверзи, па на Џиџи Хадид ѝ беше одбиена виза, откако беше откриено дека на социјалните мрежи постирала слика со статуа на Буда.

Визата без објаснување им беше ускратена и на четирите руски и украински модели, како и на пејачката Кејти Пери, чиј настап мораше да биде откажан.