СВЕТКАВАТА ЈАКНА СО КОЈА ЛАЈОНЕЛ РИЧИ ГИ ЗАТВОРИ ОЛИМПИСКИТЕ ИГРИ ВО 1984 Е ИЗЛОЖЕНА ВО МУЗЕЈ

САД, (Си-Ен-Ен)

Облеката со која Лајонел Ричи пееше на затварањето на Олимписките игри во 1984, сега е за првпат изложена во Рокенрол куќата на славните, во Музејот на музички сувенири во Кливленд, Охајо. Облеката на Ричи е изложена во рамките на новата изложба која ги слави уметниците од 1984: Тина Тарнер, Мадона, Брус Спрингстин и Лајонел Ричи.

Лајонел Ричи, опкружен со најдобрите пиротехнички средства во 1984 ги затвори Олимписките игри во Лос Анџелес облечен во светкава јакна.

Тој имаше незаборавно шоу од 9 минути пред публика од 2,6 милијарди гледачи, придружуван од танчари облечени во бели тренерки и црвени навивачки мини фустани. Додека танцуваа на сцената, небото го осветли огномет.

Ричи подоцна настапуваше во облека која не е толку впечатлива, а има голема колекција на кожени јакни и црни маици.

Ричи со танчарите имаше шоу од 9 минути на ОИ во Лос Анџелес во 1984 (Фото: Гети)

Некогаш, пејачот имаше похрабри модни комбинации, а незаборавната сино-сребрена јакна со мониста што ја носеше на Олимпијадата во 1984 беше исечена на колковите, со сребрени додатоци околу јаката и ракавите. Ја дизајнираше Бил Френк Витен, ја спои со бели плисирани панталони, кошула со сребрени светки и соодветен ремен со мониста.
Витен беше креатор на многу познати сценски изгледи на Елтон Џон и Мајкл Џексон, вклучувајќи ја легендарната бела ракавица на Џексон, или чорапите обложени со кристали што ги носеше првиот пат кога танцуваше на „Били Џин“ на концерт во Мотаун во 1983. „Кога влегов во бизнисот, единствениот маж со светкава јакна беше пијанистот Либерачи, а потоа и поп-ѕвезди почнаа да ги носат“, изјави Витен во 1990.