Политичари, кандидати за градоначалници, директори на државни институции, актери и вљубеници во филмот продефилираа на црвениот килим на синоќешното отворање на 42. Интернационален фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола.
Првпат по многу години, поради запазување на ковид протоколи, фестивалот беше отворен во оригиналниот амбиент на битолско Пацио, наместо во киносалата на Центарот за култура. Се отвори со настапот на битолчанката Каролина Гочева и пијанистот Никола Мицевски, кои изведоа неколку филмски нумери.
Црвениот килим остана дел од фестивалскиот декор. Судејќи според тоалетите што ги носеа дамите, црната боја е моден тренд. Најголем дел од гостинките беа во црни фустани и немаше многу шаренило во облеката.
На отворањето беше прикажан филмот „Сестри“ на Дина Дума, а Пацио во Завод и музеј Битола остана полно со гости, иако со намален капацитет до 250 лица поради протоколите. По проекцијата, целата екипа од филмот се поклони пред публиката.
Ж. ЗДРАВКОВСКА
(Фото: ИФФК „Браќа Манаки“)