Со објавувањето на серијата „Бекам“ на „Нетфликс“, стилот на Викторија и Дејвид Бекам повторно е во центарот на вниманието, објави „Вог“.
Викторија има околу 15 скапоцени прстени со кои може да се пофали за време на 24-годишниот брак со Бекам. Бившиот англиски фудбалер ја побара поранешната членка на групата „Спајс грлс“ за жена со рачно изработен дијамант, направен по нарачка.
Набргу по свадбата во Ирска на 4 јули 1999, Викторија почна да носи различни прстени со дијаманти, рубини, смарагди и сафири, но свршеничкиот е најскап во нејзината колекција. Сите прстени кои ги има ѝ се подарок од сопругот, а таа сите 15 ги нарекува свршенички.
Викторија со тек на годините го промени својот стил на облекување, преминувајќи од широки фармерки на фустани во комбинација со палта и чизми со врвки. Како модна дизајнерка, таа сака да ги комбинира своите скапоцени прстени со разновидна облека и на речиси сите јавни настани гордо позира со накитот.