ЖАН-ПОЛ ГОТЈЕ ЈА НАЈАВИ СВОЈАТА ПОСЛЕДНА РЕВИЈА

Париз, (Ројтерс)

Прославениот француски дизајнер Жан-Пол Готје објави дека следната недела во Париз ќе ја има својата последна модна ревија.

Шеесет и седумгодишниот Готје, кој негуваше имиџ на лошо момче на модната индустрија, не кажа што ќе се случува со неговиот истоимен бренд, кој е во сопственост на шпанската групација „Пуиг“, освен дека ќе продолжи да постои.

„Ќе ја прославам мојата 50-годишнина во модата со голем настан за висока мода во Париз. Бидете сигурни дека ‘Готје Париз‘ ќе продолжи, и тоа со мој нов личен проект, што ќе биде објавен многу, многу наскоро“, изјави Готје, не откривајќи никакви детали.

Готје, кој својата прва самостојна колекција ја претстави во 1976 година, постојано ги поместуваше границите на модата, замаглувајќи ја линијата помеѓу машка и женска облека. Како еден од водечките млади француски таленти во 1980-ите, Готје неретко го шокираше модниот свет со своите диви дизајни инспирирани од уличната култура, панкот и клупската геј сцена. Тој престана да дизајнира стандардни производи во 2015 година и целосно се посвети на висока мода, рачно изработени парчиња што можат да си ги дозволат само најбогатите.