НОВ ШВАЈЦАРСКИ ХОТЕЛ СО НУЛА ЅВЕЗДИ ГАРАНТИРА ДЕКА НЕМА ДА МОЖЕ ДА СПИЕТЕ

Женева, (Ројтерс)

Нов хотел со нула ѕвезди во Швајцарија им гарантира бессони ноќи на оние кои ќе се осмелат да спијат во него. Станува збор за нова уметничка инсталација на близнаците Риклин и нивната намера е гостите да размислуваат за светските проблеми додека престојуваат во хотелот и да почнат да дејствуваат поинаку.

Хотелот „Нул штерн“ (Нула ѕвезди) се состои од брачен кревет на платформа, со две ноќни масички и ламби покрај него. Нема ѕидови, плафон или врата за да се обезбедат приватност и засолниште. Поставен е покрај пат близу бензинска пумпа во селото Сејон во јужниот швајцарски кантон Валез.

„Поентата не е спиењето. Она што е важно е осврнувањето на сегашната ситуација во светот. Престојот во хотелот е потврда за потребата од итни промени во општеството“, вели Франк Риклин.

Тие веќе имаат креирано вакви хотели, но на идилични локации.

„Сега не е време за спиење, туку за дејствување. Ако продолжиме да се движиме во сегашната насока, ќе има повеќе неидилични од идилични места“, додаде Патрик Риклин.

Хотелот со четири соби ќе биде отворен од 1 јули до 18 септември, а едно ноќевање чини 320 евра.