Новиот тајландски крал Маха Ваџиралонгкорн ќе стане еден од најбогатите монарси на светот кога и официјално ќе биде крунисан утре, во рамките на тридневната церемонија. Тој ќе го наследи својот татко, кралот Бумибол, кој владееше со земјата цели 70 години, сè до неговата смрт во 2016. И Бумибол своевремено беше најбогатиот владетел на светот.
Личното богатство на наследникот на тајландскиот престол е проценето на 30 милијарди долари.
Што се однесува до кралските семејства, убедливо најбогато е она од Саудиска Арабија, кое располага со богатство од 1,7 трилиони долари. Тајландското кралско семејство е петто на оваа листа.
Со поголемиот дел од богатството на Ваџиралонгкорн управува Агенцијата за кралски имот, која поседува 6.500 хектари земјиште во Тајланд. Новиот крал има и повеќе од 40.000 станови и друг простор за изнајмување, од кои 17.000 се во Бангкок.
Меѓу кралските драгоцености особено се истакнува дијамант од 545,67 карати, најголем на светот. Неговата вредност е проценета на 12 милиони долари.