Креирањето на сетовите за последната сезона на ТВ-серијата „Игра на тронови“ беше „логистички кошмар“, вели сценографката Дебора Рајли.

„Беше напнато колку што можете да замислите. Бевме изнемоштени. Тоа што го видовте на екраните се одразуваше на сите“, вели Рајли, која работела заедно со сценаристите Дејвид Бениоф и Даниел Вајс и режисерите Мигел Сапочник и Дејвид Натер.

Третата епизода од осмата сезона, која се емитуваше во неделата, ја прикажа најдолгата борбена сцена во филмската историја. Сцената се снимала 55 дена во Северна Ирска.

Рајли, која работи на „Игра на тронови“ уште од четвртата сезона, вели дека најголем предизвик во третата епизода бил да се изгради сет кој ќе може да го издржи ровкото земјиште, кадешто беше локацијата на замокот Винтерфел.

Ѕидините на Винтерфел се изградени од иверица и тврд гипс (Фото: Дезин)

„Количеството дожд во Белфаст и почвата на којашто беше изграден Винтерфел значеа дека постојано ќе бидете во кал до глуждовите“, вели таа.

Ѕидините на Винтерфел биле изградени од иверица и тврд гипс. Членовите на екипата го ископале кружниот ров кој го користеше војската да се одбрани од Белите одачи. Бил поставен и систем за дренажа, за да се избегне опасноста од поплава.

„Никогаш досега не сум работела со толку тешка машинерија. Во еден момент мислев дека ја имаме целата тешка опрема на Северна Ирска во Винтерфел“, вели Рајли.

Малите хартиени снегулки, кои претставуваа снег, морале многу брзо да се собираат, за да не настане ѓубре кога ќе се стопат од дождот.

„За тоа беше потребна цела армија. Тоа беше феноменален предизвик“, додава таа.

Друг предизвик бил да се справат со големата бројка мртви тела како реквизити.

„Не требаа само мртви тела, туку и цели опрема и оружје со нив. Од претходните сезони имавме тела и мртви коњи, но не доволно колку што требаше за оваа епизода. Цела армија луѓе работеа на тоа да ги облекуваат и соблекуваат реквизитите. Ова беше фантастично искуство, не и забавно. Направивме најдобро што можевме. Горда сум што преживеав“, вели Рајли.