Брендот „Нутела“ прославува 60 години со изложба во музејот „Макси“ во Рим. Поставката ја следи историјата на светски познатиот чоколаден крем и го прикажува потеклото на брендот лансиран од семејството Фереро од Италија. Првата тегла крем била произведена во 1964 година.
Според кураторката Кјара Бертини, целта на изложбата е да ја прослави „Нутела“ како симбол на позитивност и љубов кон животот.
„Таа претставува момент на радост. Сите кои ја посетуваат изложбата и со кои сум разговарала ми кажаа дека ја поврзуваат ‘Нутела’ со чувство на радост“, рече Бертини.
Архивските материјали, од црно-бели снимки до принтови, ја раскажуваат приказната за тоа како семејниот бизнис се развивал низ годините. Главната просторија е исполнета со изложени тегли со ограничено издание.
(Фото: Макси)