Петнаесет години откако првпат беше предложен, во Австрија вчера профункционира Klimaticket, односно климатски билет. Овозможувајќи непречено патување со сите видови јавен превоз, тој треба да биде еден од клучните адути на Австрија во борбата против климатските промени.
Годишен климатски билет чини 1.095 евра, неделен 21 евро, а дневен само три евра и целта е луѓето да се охрабрат да ги заменат своите автомобили со еколошки попријателски форми на патување.
Јавниот превоз и онака веќе беше многу популарен во Австрија, благодарение на комбинацијата на сигурни, високо квалитетни и интегрирани услуги, атрактивни цени и лесно купување билети. Сепак, иако во Европа само Швајцарците поминуваат повеќе километри со воз годишно, само 16% од патувањата во Австрија во 2018 биле направени со јавен превоз, велат владини податоци. Властите се надеваат дека климатскиот билет ќе го промени ова, така што ќе го направи јавниот превоз попристапен и попријатен, особено за редовните корисници.
„Ова е голем ден за климата и превозот. Ако летото ни покажа нешто, тоа е дека климатската криза е веќе пристигната“, изјави Леонор Гевеслер, министерката за животна средина, климатска акција, енергетика, мобилност и технологија.
Национални пропусници и карти со попуст не се ништо ново во Европа, но она што ја прави Австрија поразлична е ниската цена. Годишен билет за автобус, воз и метро во Холандија чини над 3.000 евра.