ПОТВРДЕН ВТОРИОТ ДЕЛ НА „ДИНА“, ЌЕ ИЗЛЕЗЕ ВО 2023

Лос Анџелес, (Вараети)

„Дина“ и официјално ќе добие продолжение, со што режисерот Денис Вилнев ќе може да си го исполни планот за дводелна адаптација на истоимениот роман на Френк Херберт.

Филмското студио „Леџендари“ дало зелено светло за снимањето на вториот дел откако „Дина“ заработи 41 милион долари во првиот викенд од прикажувањето во САД, односно 225 милиони на светско ниво. Насловен „Дина: Прв дел“, тој имаше премиера на 22 октомври истовремено и во кината и на стриминг сервисот „Ејч-Би-О макс“, непопуларна одлука која беше донесена по катастрофалната 2020 за филмската индустрија.

Најавено е дека вториот дел ќе излезе во кината на 20 октомври 2023.

„Од почеток сакав истовремено да ги снимам двата дела, но тоа не се случи од повеќе причини. Затоа го прифатив предизвикот да го снимам првиот дел и потоа да видиме како ќе помине. Ја вложив сета моја страст во снимањето на овој филм и бев оптимист“, изјави Вилнев.