БЕЛГИСКИОТ ФЕСТИВАЛ НА СИНИ ЗУМБУЛИ БЕШЕ ОТКАЖАН И ОВАА ГОДИНА, НО ИЛЈАДНИЦИ ДОЈДОА ДА ГИ ВИДАТ

Хале, (Браселс тајмс)

Илјадници луѓе ги игнорираа повиците на властите и ја посетија шумата Халербос во Белгија, која и оваа пролет е обоена во сино во сезоната на цутење на диви зумбули.

Шумата од 552 хектари, што се наоѓа во предградието на Хале во фламанскиот дел на Белгија, е прославена по својот тепих од сини зумбули, кои цутат од крајот на април до средина на мај и до пандемијата беше најголема туристичка атракција во регионот.

Настанот познат како Халерфестивал лани беше откажан и никој не можеше да ужива во неверојатната глетка. Ваква одлука беше донесена и оваа година и властите ги предупредија луѓето да не влегуваат во шумата на своја рака, но се појавија илјадници посетители.

„Навистина не очекувавме олку туристи оваа година. Иако не обезбедивме услови, како тоалети, луѓето не престанаа да доаѓаат. Тоа е, сепак, шума и не можеме да ја затвориме и некому да забраниме да шета“, изјави градоначалникот на Хале, Марк Снук.