БРИСЕЛ ЈА ОГРАНИЧИ БРЗИНАТА НА ВОЗЕЊЕТО НА 30 КМ/ЧАС

Брисел, (Јуроњуз)

Брисел сега е најголемата „зона 30“ во Европа.

Од 1 јануари, возењето со 30 километри на час е општо правило во регионот на Брисел, со исклучок на некои прометни улици, каде што максималната брзина е конкретно наведена и изнесува 50 или 70 км/час. Главната цел на оваа мерка е да се намали бројот на сериозни сообраќајни несреќи, што претходно во 2018 беше успешно спроведено во општината Схербек.

„Веќе две години не сме имале сериозна сообраќајна несреќа и станавме мирна населба“, изјави градоначалничката на Схербек, Полин Жодоње.

Според едно истражување на градските власти на Брисел, пешаците се соочуваат со пет пати поголема опасност да загинат при 50 отколку при 30 км/час.

„Намалувањето на брзината ќе помогне градот да стане помирен и ќе ги охрабри луѓето повеќе да пешачат и да возат велосипед“, кажа локалната министерка за мобилност Елке фан дер Брант.