„Ченги“ во Сингапур, зелена оаза која се означува како „дестинација сама по себе“, го поврати статусот на најдобар аеродром на светот, во годишното рангирање на специјализираниот сајт „Скајтрекс“.
Откако беше на првото место осум години по ред, „Ченги“ го изгуби приматот во 2021 и 2022, кога за победник беше прогласен меѓународниот аеродром „Хамад“ во Доха, Катар.
„‘Ченги‘ секогаш бил фаворит меѓу патниците. Овој аеродром нуди нешто за секого, што е клучен фактор на неговата постојана популарност“, објави „Скајтрекс“.
Некои од атракциите на „Ченги“ се 40-метарски водопад и градина со пеперутки, а патниците можат да избираат помеѓу 280 продавници и ресторани.
Во најновото рангирање, „Хамад“ падна на второто место, а во првите пет уште се „Ханеда“ во Токио, меѓународниот аеродром во Инчеон (Јужна Кореја) и „Шарл де Гол“ во Париз.