ЧЕРНОБИЛ И ОФИЦИЈАЛНО ЌЕ СТАНЕ ТУРИСТИЧКА АТРАКЦИЈА И ЌЕ СЕ ОТВОРИ ЗА СВЕТОТ

Киев, (Би-Би-Си)

Областа што го опкружува Чернобил, каде што во 1986 година се случи најголемата нуклеарна катастрофа во историјата, и официјално ќе стане туристичка атракција, објави украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Тој потпиша указ со кој се одобруваат плановите за изградба на нови пешачки патеки и ќе се подобри сигналот за мобилна телефонија.

„Чернобил долго беше негативен дел од украинскиот бренд и дојде време да го промениме тоа“, изјави Зеленски.

Четвртиот реактор во нуклеарната централа во Чернобил експлодираше во април 1986 и според податоците на Обединети нации, тоа контаминираше земјиште од речиси 50.000 квадратни километри. Областа досега можеше да се посетува во строго контролирани тури, но големиот успех на серијата на Ејч-Би-О „Чернобил“ повторно го сврте вниманието кон овој регион и значително го зголеми бројот на туристи.

„Ќе создадеме зелен коридор за туристите. Чернобил е уникатно место на планетата, каде што природата одново се роди по човечка катастрофа. Мора да му го покажеме ова место на светот: на научници, екологисти, историчари, туристи“, кажа Зеленски.

Со новиот указ, ќе бидат укинати ограничувањата за снимање и ќе се воведе електронски систем на билети за да се спречи корупција.

Уништениот реактор сега е покриен со бетонско-челичен саркофаг, што се градеше девет години и чинеше 1,7 милијарди долари. Широк 275 метри и висок 108 метри, тој е доволен да се покрие и катедралата Нотр Дам.