ЧИТАТЕЛИТЕ НА „НЕШНАЛ ЏИОГРАФИК“ ГО ИЗБРАА САРАЕВО ЗА НАЈДОБРА ДЕСТИНАЦИЈА ЗА 2025, ГРАДОТ ДО НЕОДАМНА НЕМАШЕ СТРАТЕГИЈА ЗА РАЗВОЈ НА ТУРИЗМОТ

Сараево, (Н1)

Читателите на „Нешнал џиографик“ неодамна го избраа Сараево за најдобра дестинација за 2025 година, што е прво вакво признание за еден град од БиХ. Ова би можело да го привлече глобалното внимание кон регионот и да му даде значителен поттик на туризмот не само во Сараево, туку и во целата земја.

Главниот град на Босна и Херцеговина продолжува да ги инспирира љубопитните патници од целиот свет, па не е ни чудо што беше голем победник на годинашниот избор на читателите. Вековната историја на Сараево е вткаена во неговата природна убавина слично како реката Миљацка, која тече под повеќе од десет мостови, вклучувајќи го Скендерија, пешачки мост изграден од истите материјали како Ајфеловата кула, според локалниот фолклор“, стои во објаснувањето на „Нешнал џиографик“.

Меѓу локациите кои ги победи Сараево се туристички џинови како Абу Даби, Барбадос, Лос Анџелес, Бангкок, Флорида, Нов Зеланд и Италија.

Колку за споредба, Абу Даби вложува многу во промоцијата на туризмот, со цел да привлече 40 милиони туристи до 2030, а Лос Анџелес неодамна лансираше туристичка кампања вредна 8,6 милиони долари. Од друга страна, Сараево дури минатиот месец ја усвои својата прва сеопфатна стратегија за развој на туризмот.

Она што би можело да го наруши искуството на многумина туристи е лошиот квалитет на воздухот. Во студените месеци, Сараево редовно е меѓу најзагадените градови во светот.

(Фото: Н1)