Езеро во Мелбурн природно ја смени својата боја во розова, станувајќи атракција за голем број туристи и љубители на Инстаграм.
Природниот феномен се појавува на езерото Солт Вотер во паркот Вестгејт речиси секое австралиско лето од 2013 година.
Како што појаснија експерти, бојата на езерото се менува кога се зголемува нивото на солта во водата, во комбинација со многу сончева светлина и недостиг на дожд. Во такви услови, алгите што растат на дното на езерото, како дел од процесот на фотосинтеза, го произведуваат црвениот пигмент бета каротин, што се рефлектира розово.
Колку и да изгледа убаво, властите ги советуваат луѓето да не влегуваат во водата, бидејќи високото ниво на солта може да ја иритира кожата.
Езерото останува розово до есен, кога поради пониските температури ја враќа својата сина боја.