Организаторите на „Брнинг мен“ соопштија дека фестивалот во пустината во Невада нема да се одржи ни оваа година поради пандемијата на коронавирусот. Тие велат дека во моментов постојат премногу неизвесности кои нема да се решат навреме до планираното одржување на фестивалот од 26 август до 3 септември.

„Ова беше тешка одлука и се базира на најдобрите информации што ни се достапни. Свесни сме дека пандемијата сѐ уште не е завршена. Ќе ги фокусираме нашите напори на изградбата на Блек Рок Сити во 2022“, изјави извршната директорка на фестивалот, Маријан Гудел.

Фестивалот со 35-годишна традиција привлекува 80.000 луѓе и својот углед на утописки спектакл најмногу го должи на уметниците кои во пустината ги изложуваат своите неверојатни инсталации. За потребите на фестивалот се гради и привремениот град Блек Рок Сити.