ФИНЦИТЕ ОТКРИВААТ ЗОШТО НИВНАТА ЗЕМЈА Е НАЈСРЕЌНА НА СВЕТОТ

Хелсинки, (Гардијан)

Според неодамна објавените податоци на Обединетите нации, Финска ја замени Норвешка како најсреќна држава на светот. Жители на Финска откриваат кои се причините за нивната среќа.

Уживање во природата со сите сетила

Финска има четири убави и различни годишни времиња. Можноста да видиш поларна светлина на ноќното небо е магично чувство.

Природата ни нуди различни начини да уживаме во неа. Во зима се оди на скијање или на зимски риболов, есен е популарно време за лов. Одење во шума или на замрзнато езеро ти создава неизмерно чувство на среќа. Во една таква мирна средина, можеш да ја почувствуваш природата со сите сетила.

Луѓето, природата, слободата се работите кои ја прават Финска убаво место за живеење.

Луѓето се среќни со она што го имаат

Културата и начинот на живот близок до природата е она што ја прават Финска така среќно место. Луѓето се почитуваат едни со други, среќни се со она што го имаат и не мислат на она што би можеле да го имаат. Уживаме во едноставни работи, како природа, сауна, семејство и тишина. Си помагаме меѓусебно кога треба.

Постојат култура на доверба и ниско ниво на корупција

Без разлика колку си богат, од сите се очекува да платат данок. Тој е многу висок, но за возврат се добива многу. Луѓето не се загрижени дека нивните основни потреби нема да бидат задоволени. Финска го има постигнато вистинскиот баланс помеѓу учењето и играњето во образовниот систем, кои се сметаат за еднакво важни.

Финска се смета за безбедна држава, која на сите жители им дава и бесплатни здравствена заштита и образование

Сите жители се еднакви

Во Финска нема сериозен проблем со тероризам, вооружено насилство и загадување, ниту со бездомници. Државата е безбедна и има голема доверба во своите полиција и закони, а луѓето, главно, се однесуваат според правилата. Ние сме искрен народ и не се озборуваме зад грб. Имаме целосен пристап до Интернет и сите имаат бесплатни здравствена заштита и образование од основно училиште до факултет. Финска е една од најсигурните земји за породување.

Без разлика од каква средина доаѓаш, сѐ може да се постигне ако работиш напорно. Ако не успееш, нашиот социјален систем ќе ти помогне.

Полот не е важен

Еднаквоста на половите во Финска не е совршена, но е многу добра во споредба со други земји. Финска беше првата земја во Европа, а трета во светот која им дозволи на жените да гласаат во 1906 година. Првата премиерка ја доби во 1926 година и оттогаш имаше и претседателка и други премиерки.