Италијанскиот режисер со светска кариера Паоло Маџели ги почна пробите во Македонскиот народен театар (МНТ) за претставата „Еден месец на село“ од рускиот автор Иван Сергеевич Тургењев.

Маџели последен пат работел во МНТ пред 30 години, режирајќи ја драмата на Горан Стефановски, „Црна дупка“, во 1988 година.

Преводот и адаптацијата на текстот ги направи актерката Катерина Коцевска, драматизацијата е на Жељка Удовичиќ, а музиката ќе ја работи композиторот Љупчо Константинов.

Во претставата играат: Коцевска, Ѓорѓи Јолевски, Сашка Димитровска, Дарја Ризова, Тина Трпкоска, Александар Микиќ, Никола Ристановски, Стефан Спасов, Нино Леви, Сашко Коцев, Дамјан Цветановски и Ана Стојановска.

Екипата на претставата „Еден месец на село“ (Фото: МНТ)

Сценографијата и костимите се на гостите од Италија, Лоренцо Банчи и Мануела Паладин.

Комично-тажната руска приказна на Тургењев првпат е поставена во 1872 година и зборува за Наталија, жена на богат земјопоседник, и за младата Верочка, кои се вљубуваат во учителот на синот на Наталија.

Маџели е роден во Прато, а веќе 30 години живее и работи во Загреб. Режирал повеќе од 150 претстави во Германија, Швајцарија, Италија, Израел, Унгарија, Венецуела, Мексико, Колумбија, Хрватска, Белгија, Словенија, Србија и Црна Гора.