РАЦИН Е АВТОР И НА СОВРЕМЕНИОТ ЧОВЕК КОЈ БАРА ПРАВДА, РЕЧЕ ПОЛЈАКОТ КАВКА, ДОБИТНИК НА ПОЧЕСНОТО РАЦИНОВО ПРИЗНАНИЕ

Велес, (СМАРТ СДК.МК)

Годинашното почесно Рациново признание го доби Полјакот Маќеј Кавка за афирмација и промоција на македонските јазик, литература и култура во странство.

За Кавка, поезијата на Рацин не е поезија на очај, туку поезија на будење, во неа има болка, но и отпор, има темнина, но и мугри, има тишина, но и глас кој почнува да се слуша. Затоа за него, Рацин е автор и на современиот човек, кој бара правда во еден суров и неправеден свет.

„Коста Солев создаде поезија и прашува дали можеме да ја видиме болката на другиот човек. Името на Рацин не е обично книжевно име, туку личност која во македонската култура означува почеток, отпор, достоинство и верба во моќта на зборот. Рацин покажа дека поезијата може да биде повеќе од уметност, може да биде сведоштво, совест и глас на оние чие страдање било долго премолчувано. Рацин во неговите песни не поставува прашања кои исчезнале, за достоинството, неправдата, сиромаштијата, за надежта. Во ‘Бели мугри’ не ја опишува само социјалната стварност на една епоха, туку покажува што се случува со човекот кога неговиот труд е понижен, а гласот е замолчен“, кажа Кавка при врачувањето на признанието во Велес.

На настанот се одржа и меѓународен поетски митинг со учество на поети од Турција, Бугарија, Србија и Македонија.

П. ПЕЧКОВ