Кога е во прашање туризмот, Балканот често е засенет од најголемите западноевропски нации, но тоа е свет на спектакулрани природни убавини. Бујни долини, високи планини и разновидност на автохтони видови се само некои од убавините што ги чекаат посетителите на овој историски регион.

НАЦИОНАЛЕН ПАРК УНА

На западниот раб на БиХ, овој парк нуди некои од најпрекрасните водопади на Балканот. Штрбачки Бук е највисок со своите 25 метри, а некои од најпознатите се во малото село Мартин Брод. Дел од паркот е и тврдината Островица, која потекнува од 15. век.

НАЦИОНАЛЕН ПАРК ТАРА

Четири часа југозападно од Белград се наоѓа оаза на недопрена природна убавина. На источниот крај има фасцинантни историски реликвии како манастирот Рача од 11. век, но оние кои бараат див свет, треба да одат во срцето на паркот. Областа е покриена со недопрена зимзелена шума, која е дом на рисови, волци, кафеави мечки…

НАЦИОНАЛЕН ПАРК ПИРИН

Југозападниот крај на Бугарија е исполнет со спектакуларни планини и најдобро место да се искуси тоа е Пирин. Тоа е простор од околу 240 квадратни километри, со големи пространства на стара борова шума и над 200 различни животински видови.

НАЦИОНАЛЕН ПАРК БУТКОВСКО ЕЗЕРО (КЕРКИНИ)

Создадено во 1932 година со изградбата на брана на реката Струма, езерото се наоѓа меѓу планините Беласица и Круша во Егејска Македонија и претставува рај за оние кои сакаат да набљудуваат птици. Во изминатите години, тука се регистрирани над 300 видови птици, а меѓу главните атракции се пеликани и фламинга.

НАЦИОНАЛЕН ПАРК ВАЛБОНА

Долината е дел од планинскипт масив Проклетие, кој често се нарекува Албански Алпи. Покрај идиличните села, овдека доаѓа до израз и богатството на биодиверзитетот на западниот дел на Балканскиот Полуостров.